Болест на луди крави – Бовина Спонгиоформна Енцефалопатија (БСЕ)

Болест на луди крави – Бовина Спонгиоформна Енцефалопатија (БСЕ)

Бовината Спонгиоформна Енцефалопатија (БСЕ), во јавноста попозната како Болест на луди крави, е невро-дегенеративно заболување кај говедата. Причинителот на заболувањето е инфективен агенс од групата на приони, кои се помали честички и од вирусите. Прионите претставуваат непреклопени протеини и за разлика од другите инфективни агенси, во својот состав немаат нуклеински киселини.

Кројцфелд-Јакобова болест кај луѓето

БСЕ се пренесува на луѓето со јадење на контаминирано говедско месо. Прионот кој предизвикува БСЕ кај добитокот, кај луѓето е одговорен за варијанта на болеста на Кројцфелд-Јакоб. Кај оваа болест, прионот го напаѓа човечкиот мозок, правејќи „дупки“ во него и давајќи му сунѓерест изглед. Симптомите на болеста се поврзани со распаѓањето на мозочното ткиво:

  • прогресивна деменција;
  • халуцинации;
  • промени во личноста и однесувањето;
  • неволни движења;
  • епилептични напади итн...

Болеста е 100 проценти фатална

Исходот на Кројцфелд-Јакобовата болест е секогаш фатален. Лек нема, а сите третмани се експериментални. Борбата против болеста лежи во нејзината превенција и озбилната контрола на добитокот. Научниците истакнуваат дека дури и добрата термичка обработка на заразената храна не го уништива прионот!

Историјат на болеста

Првиот случај на болеста на луди крави е документиран во 1986 г. во Велика Британија. Епидемија е прогласена во 1996 г. кога ЕУ воведува ембарго на увозот на говедско месо од Велика Британија. Ембаргото ќе трае цели 10 години (укинато е во 2006 г.). За тоа време заболуваат и угинуваат огромен број говеда, а до октомври 2009 г. во Велика Британија од Кројцфелд-Јакобова болест умираат 166 луѓе, додека 44 смртни случаи се регистрирани во остатокот од светот. Бројката на умрените се очекува да расте поради долгиот период на инкубација на болеста.

Заклучоци

Болеста на луди крави за момент го исплаши светот и го натера на размислување. Модерното време и глобализацијата ја раширија оваа болест надвор од Велика Британија и дозволија да премине во епидемија. Болеста ја посочува ранливоста на модерното човештво и „светот без граници“ од пандемии на заразни болести.

Б.С.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

 

 

други теми од оваа рубрика:

www.doktori.mk, 05.04.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина