Доктори.мк | Плацебо ефектот функционира иако знаеме дека пилулите се лажни? | Placebo-efektot-funkcionira-iako-znaeme | Портал за медицина и здравје

Плацебо ефектот функционира иако знаеме дека пилулите се лажни?

Плацебо ефектот е добро познат во медицинската и истражувачката јавност уште од раните денови на медицината, но до сега се веруваше дека плацебо ефектот е успешен само затоа што пациентите веруваат дека се третирани со вистински лек. Но, едно ново испитување од Медицинскиот факултет на Харвард сугерира дека плацебото може да е ефективно дури и ако луѓето што го земаат знаат дека тоа нема фармаколошка моќ.

До почетокот на 20-тиот век, плацебото редовно се давало на пациентите за кои се знаело дека актуелната медицина не може да им помогне. Околу крајот на векот, сепак лекарите почнаа да се сомневаат во етичката исправност на давањето апчиња без медицинска моќ, истовремено кажувајќи им на пациентите дека примаат лекови. Практиката на често препишување плацебо избледе во последниве децении (иако во студија од 2008 година, една третина од лекарите признале дека понекогаш препишуваат плацебо на некои пациенти). Сепак неактивните пилули останаа значаен дел од фармаколошките испитувања.

Една неодамнешна студија спроведена на Харвард ја тестираше ефикасноста на познатото плацебо против ефективноста на никаквиот третман. Една група пациенти со синдром на иритабилно („нервозно“) дебело црево биле третирани со неактивни пилули и им било кажано дека плацебо ефектот може да ги подобри симптомите. Другата група пациенти со истиот синдром воопшто не биле третирани. Само 35 проценти од нетретираната група пациенти се почувствувале подобро, додека 59 проценти (значаен дел во една истражувачка студија) од плацебо групата пријавиле подобрување на симптомите, иако знаеле дека не земаат вистински лек.

Заклучокот по испитувањето е дека лекувањето на Синдромот на иритабилно дебело црево со познато плацебо е ефективно.

Понатамошните испитувања треба да откријат дали отвореното лекување со плацебо кај други заболувања е подобро од воопшто истите да не се лекуваат.

www.doktori.mk, 01.04.2011

Последна вест

Најчитани статии - фармација