Силденафил цитрат во третман на еректилна дисфункција

доктор на медицина

Ерекција и еректилна дисфункција

Под еректилна дисфункција се мисли на неспособноста на мажот да постигне или одржи ерекција доволно долго за да се вклучи во сексуален однос.

При нормални околности, кога мажот е сексуално стимулиран, неговиот мозок испраќа порака преку 'рбетниот мозок во нервите на пенисот. Нервните завршетоци во пенисот ослободуваат хемиски материи наречени невротрансмитери кои сигнализираат кавернозните тела (две сунѓерести траки од ткиво по должината на пенисот) да се опуштат и да се исполнат со крв. Како што се прошируваат, кавернозните тела ги затвораат другите вени кои нормално би ја празнеле крвта од пенисот. Како што пенисот станува полн со крв, така се проширува и се стврднува, предизвикувајќи ерекција. Проблеми со крвните садови, нервите или ткивата на пенисот можат да пречат на ерекцијата.

Причини за еректилна дисфункција

Се проценува дека околу 30 милиони американски мажи страдаат од импотенција, а истата ги погодува околу половина од мажите на возраст меѓу 40 и 70 години. Лекарите мислеа дека најголем број на случаи на импотенција се од психолошко потекло, но тие сега признаваат дека, барем кај постарите мажи, физичките причини можат да играат главна улога во 60% или повеќе од сите случаи.

Еректилната дисфункција може да биде предизвикана од голем број физички и психолошки причини, вклучувајќи:

  • дијабетес,
  • депресија,
  • рак на простатата,
  • повреда на 'рбетниот мозок,
  • мултипла склероза,
  • aтеросклероза и срцеви заболувања,
  • повредите на пенисот, кои предизвикуваат нервни, ткивни или васкуларни оштетувања може да предизвикаат импотенција;
  • исто така, таа може да настане како несакан ефект од некои лекови, вклучувајќи: антихистаминици, антидепресиви, антихипертензиви, антипсихотици, бета-блокатори, диуретици, лекови за смирување, супресори на апетит, циметидин и финастерид.

*Кај мажите постари од 60 години, главна причина за еректилна дисфункција е атеросклерозата или стеснувањето на артериите, при што се ограничува протокот на крв во пенисот.

  • Пушењето, прекумерното консумирање алкохол или употребата на некои лекови исто така, може да придонесат за импотенција во староста.
  • Во ретки случаи, ниското ниво на машкиот хормон тестостерон може да придонесе за еректилен неуспех.
  • Конечно, психолошките фактори како што се стресот, чувството на вина или анксиозноста можат да одиграат улога, дури и кога импотенцијата првенствено е резултат на органски причини.

Третман на импотенцијата

Третман од прв ред и далеку најупотребуван лек е силденафил цитрат*. Се проценува дека 20 милиони рецепти се издадени откако лекот беше одобрен од страна на Американската агенција за храна и лекови во март 1998 година. Исто така, лечењето со силденафил цитрат е најефективен третман, со стапка на успех од повеќе од 60%. Лекот го зголемува нивото на една супстанција, наречена цикличен гванозин монофосфат, кој е одговорен за проширување на крвните садови на пенисот.

Силденафил цитратот ја третира еректилната дисфункција, како и неможноста да се постигне и/или одржи ерекцијата на пенисот, соодветна за сексуален однос. Лекот првично бил развиен во 1991 година за третман на ангина или болка во градите. Тоа е првиот, а од почетокот на 2001 година и единствениот орален лек одобрен за третман на ЕД. Силденафил цитрат е вазодилататор, лек кој предизвикува проширување на крвните садови. Тој делува на подобрување на крвната циркулацијата во пенисот и зголемување на ефектите на азотниот моноксид, агенс кој ги релаксира мазните мускули на пенисот и ги регулира крвните садови за време на сексуалната стимулација, овозможувајќи му на пенисот да се исполни и да постигне ерекција.

Дозирање на лекот

Просечната препорачана доза на силденафил цитрат е 50 mg. За мажите кои не одговараат соодветно на оваа доза, дозата може да се зголеми до 100 mg. Потребно е определено време лекот да се апсорбира во телото за да стане ефективен. Лекот се зема околу еден час пред сексуалната активност и може да остане ефикасен и до четири часа. Силденафил цитратот не ја зголемува сексуалната желба. Сексуална стимулација и возбуда се потребни за лекот да биде ефикасен. И покрај неговата широка употреба како рекреативен лек, тој не е афродизијак и нема клинички докази дека ги подобрува сексуалните перформанси кај мажите кои не страдаат од ЕД.

Напомена: Мажите секогаш треба да се консултираат со својот лекар пред почетокот на третманот со силденафил цитрат!!!

Очекувани резултати

Кога се користи според препораките, силденафил цитратот овозможува мажите со еректилна дисфункција да постигнат и да ја одржат ерекцијата на пенисот кога се возбудени за време на сексуалната активност. Двојно-слепи, рандомизирани клинички испитувања на силденафил цитрат покажале дека лекот има 63-82% стапка на ефикасност во подобрување на еректилната активност кај мажите со еректилна дисфункција, во зависност од администрираната доза (меѓу 25 и 100 mg), во споредба со 24% подобрување кај мажите кои добивале плацебо.

*овој лек е регистриран и во нашата земја - повеќе информации во официјалниот регистар на лекови (клинкнете тука)

 
www.doktori.mk, 29.03.2011

Последна вест

Најчитани статии - фармација