Забен кариес

д-р Иван Танатарец
доктор по стоматологија

Забниот кариес е најчесто заболување на светот. Се смета дека преку 90% од луѓето го имаат ова заболување. Дури 50% од децата на тригодишна возраст имаат кариес, а на 6 години скоро и да нема деца без кариес.

Фактори на ризик

Во литературата се сретнуваат повеќе теории кои ги објаснуваат причините и патогенезата за настанувањето на забниот кариес. Суштината на поголемиот дел од нив е мултикаузалноста, иако секоја од нив дава поголемо значење на еден или друг фактор.

Во основа процесот е поврзан со присуството на два битни локални фактори: бактериска флора и јаглени хидрати. Постојат голем број на фактори за кои е докажано дека допринесуваат за појава на забниот кариес.

Ризик факторите можеме да ги поделиме на локални и општи фактори.

Локални фактори на ризик

Од локалните фактори најзначајни се следните:

  • бактериската флора;
  • аномалии и оштетувања на забите;
  • забниот плак;
  • присуство на шеќери;
  • плунката;
  • оралната нехигиена.

Бактериска флора

Бактериската флора во усната шуплина има основно значење во појавата на забниот кариес. Бактериите преку разградувањето на јагленохидратите кои остануваат во усната шуплина создаваат кисела средина. Многу од теориите токму со киселата средина го објаснуваат оштетувањето на забите. Некои од бактериските групи имаат поголемо значење како што се кариогените стрептококи и лактобацилите. Од стрептококите најзначајна е Streptococcus mutans, но значајно место завземаат и S.singunis и S.salivaris.

Аномалии и оштетувања на забите

Аномалиите, оштетувањето на забите и положбата на забалото создаваат исто така основа за развивање на забен кариес. Тоа особено се однесува на обликот и конфигурацијата на фисурите, џебовите и други неправилности кои создаваат можност за задржување на храна и бактерии кои потешко се чистат.

Забни наслаги

Забниот плак (забна наслага) е последица од мегусебното делување на бактериската флора, јагленохидратите и создавањето на киселата средина. Оваа почетна јонска и бактериска адхеренција создава услови за натамошно таложење на разни материи. Од сувите материи во плакот најголем процент го сочинуваат бактериите, а покрај нив се таложат и епителни клетки, леукоцити, екстраклеточни материи, неоргански материи и др.

Начин на исхрана

Начинот на исхраната кај луѓето може да влијание во појавата на кариес како локален, но и како општ фактор. Овде станува збор само за локалното влијание на храната. Локалното присуство на јаглените хидрати е еден од водечките фактори за создавање на киселата средина во усната шуплина, односно за појавата на забниот кариес. Притоа најголемо значење има сахарозата. Особено е значајно честото конзумирање на храна, посебно шекер во текот на денот. Луѓето кои меѓу оброците често конзумираат слатки работи, создаваат поволни услови за развој на киселата средина. Тоа особено се однесува кога ваквиот начин редовно се практикува, а одстранувањето на остатоците од храната во усната шуплина не се врши редовно.

Плунка

Плунката има функција во заштитата на забите и тоа го чини на повеќе начини. Но плунката може да биде и причина за создавање на услови за појава на забен кариес. Не постојат дилеми дека намаленото количество на лачење на плунката, намалената вискозитетот и ph вредностите влијаат за појавата на кариесот. Истражувањата тоа го потврдиле со докажување на меѓузависноста на појавата на кариес од една страна и намаленото лачење, намалената вискозност и киселоста на плунката од друга страна.

Хигиена на усната празнина

Нередовното одржување орална хигиена на усната празнина има посебно значење во создавањето услови за развој на забен кариес. Механичкото чистење (чистење со четкичка) комбинирано со хемиско чистење (паста) на повеќе начини делува антикариозно. Ги отстранува остатоците од храната, посебно на поедините дефектни места од забите и забалото, ја отстранува (го редуцира бројот на) бактериската флора, ја неутрализира киселоста и др. Чистењето е добро да се врши после секој оброк, но задолжително навечер пред спиење и наутро. Вечерната тоалета на забите има најголемо значење и поради фактот што во текот на спиењето е намалено лачењето на плунката.

Општи фактори на ризик

Во групата на општи етиолошки фактори за развој на кариесот се спомнуваат голем број на фактори, но нивното значење е различно.

Витамини и минерали

Неадекватен внес во организмот на одредени материи кои се битни за нормалниот развој на забите е еден од значајните фактори за создавање на предиспозиции за развој на забниот кариес. Тука пред се треба да се спомнат некои елементи (калциум, фосфор, магнезиум, флуор, карбонати) како и некои витамини (А,Ц,Д и др.). Недостатокот на овие елементи и витамини доведува до дефектен развој на тврдите ткива на забот (глеѓта, дентинот и цементот) што создава услови за делување на другите ризик фактори и појава на забен кариес.

Пол

Разликите кои се јавуваат во однос на полот не се до крај разјаснети. Почестото јавување на кариес кај женскиот пол се однесува на пораното никнување на забите (подолга експозиција), бременост (гравидитет) и лактацијата, за кои се смета дека мобилизираат големи количини од за забите важните елементи и витамини, за потребите на плодот односно млекото. Фактот што разликите во полот се однесуваат само за постојаните заби (возрасна популација), има доста логичност за влијанието на лактацијата и гравитетот во појавата на кариесот.

Возраст

Во однос на возраста евидентирани се исто така одредени разлики во јавувањето на забниот кариес. Познато е во праксата дека постојат најмалку три периоди во животот на човекот кога почесто се јавува кариесот.

  1. Првиот период е на возраст од 5-8 години, којшто е поврзан со смената на забите и ослабената отпорност на млечните заби.
  2. Вториот период е во пубертетот и непосредно по него, се поврзува со хормоналното влијание.
  3. Третиот период е по четириесетата година од животот и е во врска со промените кои доведуваат до откривање на вратниот дел од забот (цеврикален кариес, "сенилен" кариес).

Останато

Меѓу другите општи фактори кои се спомнуваат во врска со забниот кариес се генетските фактори, климата, расата и др.

Превенција на забниот кариес

Имајќи го во предвид фактот дека е разјаснета суштината за настанувањето на забниот кариес и дека се познати ризик факторите кои се одговорни за неговата појава се очекува превенцијата да биде успешна. Поради масовноста на ова заболување, големиот број на фактори и потребата од перманентна едукација на луѓето за спроведување на основните мерки во превенирањето на оваа болест, не секогаш се постигнуваат саканите резултати на ова поле.

Суштината на превенцијата е во здравственото воспитување на населението. Така, кога се работи за мерки кои спаѓаат во примарната превенција како што се општите мерки, а особено специфичните мерки насочени кон ризик факторите, битно е луѓето од најраната возраст да ги прифатат и тие да станат дел од нивниот начин на однесување. Истото се однесува и за секундарната превенција, односно да се создаде и кај родителите и кај секој поединец воопшто навика за редовна посета на стоматолог.

Општите мерки во превенцијата на забниот кариес се истите кои се спроведуваат и кај другите болести.

Посебно значење имаат специфичните мерки односно мерките насочени кон познатите ризик фактори. Овие мерки може да се групираат во неколку групи.

Редовно миење на забите

Една од најзначајните мерки е насочена кон отстранување на забниот плак и остатоците од храна, што се постигнува со редовно одржување на хигиената во усната празнина. Редовното миење на забите со четкица и паста за заби, треба да биде секојдневна активност на секој поединец. Особено е битно миењето да биде после оброците, а најмалку навечер пред спиење и наутро. Миењето на забите навечер пред спиење не би требало во никој случај да се изостава, бидејки остатоците од храна која повеќе часови ќе остане во усната шуплина, како и намаленото лачење на плунка во текот на спиењето создава услови за размножување и делување на бактериската флора во повеќечасовната кисела средина.

Правилна исхрана

Покрај хигиената во усната празнина, треба да се спроведува и диетален режим како во однос на квалитетот на храната така и во честотата на нејзиното земање. Јаглените хидратите, особено сахарозата, не треба да се земаат за време на мегуоброците.

Корекција на деформитетите

Втората група на мерки се насочени кон деформитетите и дефектите на забите и забалото. Ова особено се однесува на децата, особено во перодот на развојот на сталните заби. Затоа е потребна редовна ортодонтска контрола за навремено да се извршат одредени корекции во развојот и евентуално санирање на дефектите.

Зголемување на отпорноста на забите

Третата група на мерки се однесуваат на зголемувањето на отпорноста на самиот заб, со што ќе се намали ефектот од делувањето на ризик факторите. Од многубројните минерали и витамини кои беа спомнати како значајни за формирање на здрави заби, посебно значење од превентивен аспект има флуорот.

При тоа може да има колективен дефицит на флуор кај населението или индивидуален дефицит, што е многу почесто. Дефицитот се надоместува со давање на некое од соединенијата на флуор. При општ недостиг се врши надоместување кај населението, најчесто преку водата за пиење или преку некој друг артикал. Индивидуалното давање на флуор се прави со препарати кои содржат флуор. Особено е значајно нивното давање на децата за време на растот и развојот на забите, но може да се дава и на мајката за време на бременоста и лактацијата.

www.doktori.mk, 28.03.2011

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија