Стрес улкус

доктор на медицина

Тешка траума, изгореници, сепса како причини за чир на желудник? Дали знаевте дека улкус и ерозии на желудникот можат да се јават кај болни кои се здобиле со тешки повреди, инфекции, изгореници и се наоѓаат во шокова состојба?

Улкус (чир)

Кога ќе кажеме чир на желудник, веднаш помислуваме на пептичкиот улкус предизвикан од зголемено лачење на HCL, каде како главни виновници ги наоѓаме Helicobacter pylori, НСАИЛ, HCL, зачинетата и лута храна, пушењето и алкохолот.

Кај „стрес улкусот“ лезиите се често мултипни, се јавуваат најчесто во делот на желудникот кој е секреторно активен, а и во антрумот на желудникот и дуоденумот. Најчест клинички знак е безболното крварење од гастроинтестиналниот тракт кое може да биде минимално, но не ретко и живото загрозувачко.

Како настанува?

Постојат многу теории со кои се објаснуваат акутно настанатите улцерации на желудникот. Најважна улога игра исхемијата на слузницата на желудникот, чија потреба за кислород е голема. Иако во принцип улкусите на желудочната слузница настануваат со прекумерна секреција на желудочна киселина, овие стрес улкуси се разликуваат како и по етиологијата, така и по клиничката слика од хроничните пептични улкуси.

Ерозиите на слузницата најчесто настануваат 24 часа по акутната траума. По 24 до 48 часа можат да се јават мали крварења, а веќе по 2 до 3 дена можат да настанат тешки крварења. Кога настанува крварење од горниот дел на гастроинтестиналниот тракт кај луѓе кои се здобиле со тешки повреди, изгореници или се наоѓаат во шокова состојба треба да се помисли на стрес улкуси. Кај 80 до 90% од луѓето кои се здобиле со повреди или изгореници се појавиле во одреден степен овие стрес улкуси.

Дијагностицирање

За дијагностицирање предност има гастроскопијата како метода бидејќи ерозиите се наоѓаат површно на слузницата и не можат да се визуелизираат со рентген методата при која се користи бариумова каша.

Терапија

Терапијата на стрес ерозиите и улкусите во принцип е превентивна. Се користат антациди, како алуминиум хидрооксид, магнезиум хидрооксид, натриум карбонат, антагонисти на Н2-рецептори како циметидин, ранитидин, фамотидин кај високо ризичните пациенти. Во краен случај, доколку со медикаментозна терапија не може да се спречи крварењето, се користат хируршките методи како пилоропластика со ваготомија и тотална гастректомија.

Кушингов улкус

Постои и таканаречен Кушингов улкус, лоциран во горниот дел на гастроинтестиналниот тракт кој хистолошки не се разликува од акутните стрес улкуси, но се разликува по неговата етиологија. Настанува по интракранијални повреди или кај состојби како што се тумори на мозокот и субдурални хематоми, каде не ретко има покачен интракранијален притисок. За разлика од стрес улкусите кај кои нема зголемена количина на желудочна киселина, Кушинговите често се здружени со хиперсекреција на желудочна киселина. Терапијата вклучува корекција на покачениот интракранијален притисок, вклучуваќи ги и вообичаените тераписки мерки кои се користат кај акутните стрес улкуси и ерозии.

Oстанати содржини од авторот:

www.doktori.mk, 25.03.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина