Јувенилна миоклонична eпилепсија

студент по медицина

Епилепсијата е еден од најчестите неуролошки проблеми кој се јавува кај 1% од светската популација. Таа се јавува кога во некој регион од мозокот се јавува абнормално електрично празнење кое го спречува нормалниот пренос на импулси.

Најчеста форма на епилепсија е јувенилната миоклонична епилепсија (ЈМЕ), позната и како Синдромот на Јанц кој се јавува кај околу 10% од луѓето со епилепсија. ЈМЕ најчесто се јавува во касно детство или рана адолесценција, односно во пубертетот. 15% од децата кои имаат епилепсија со миоклонично отсуство, подоцна развиваат ЈМЕ. Кај 17%-49% од случаите на ЈМЕ се забележува позитивна фамилијарна историја на болеста. Исто така може да се јави и после трауми на главата (потрес мозок) во детството или рана адолесценција.

Симптоми на ЈМЕ

  • Миоклонични грчеви (напади)

Тие се краткотрајни синхронизирани, двострани грчеви на рацете, рамото или поретко на нозете кои се јавувааат во првите часови после будење, било тоа да е ноќно спиење или попладневна дремка. Тие може да бидат присутни и преку целиот ден, но тоа не е многу често. Болниот може да ги осети како слаб удар од струја, но може да бидат интезивни и да предизвикаат пуштање на предметите кои се држат во рацете, неволево движење на рацете, виткање на нозете, а поретко и паѓање. Нападот трае неколку секунди, при што болниот може да помисли дека не го држел предметот добро или се сопнал на нешто.

Слични грчеви на овие се случуваат нормално кај скоро секоја личност при спиење и не треба да се мешаат со грчевите кои се јавуваат во будна состојба.

  • Подолготрајна серија на грчеви (импулсивен петит мал)

Се јавуваат поретко и не доаѓа до губење на свеста. Се манифестира со интензивни, променливи на интензитет мускулни грчеви кој секогаш завршува со генерализиран тонично – клоничен напад.

  • Миоклонично отсуство (абсенс епилепсија)

Таа го опфаќа целиот мозок и болниот не реагира на надворешни дразби и гледа во одредена точка неколку секунди при што не се јавуваат грчеви. Овие напади може да поминат незабележани и да се заменат со будно сонување или невнимателност.

Дијагноза и лекување на ЈМЕ

  • Електроенцефалограм (ЕЕГ)

Тоа е метода за дијагностицирање на ЈМЕ при што со електроди поставени на главата се мери електронската активност на мозокот и во зависност од големината на брановите (шилците) може да се дијагностицира болеста и нејзината локализација. Билателарно симетрични мултипли шилци се јавуваат симултано со грчевите, после кои следуваат бавни бранови. Шилците на број се од 5 до 20 и имаат фреквенција од 10 до 16 Hz.

  • Магнетна резонанца (МРИ) и компјутерска томографија (КТМ)

Овие се методи кои ретко се практицираат во Македонија за дијагностицирање на епилепсија. Тие прават слики со висока резолуција на мозокот со помош на големи и јаки електро магнети или со компјутерски навигирани рентген зраци.

Грчевите може многу успешно да се држат под контрола медикаментозно, но мала е веројатноста болниот да се излекува. Лек користен за лекување на ЈМЕ кој дава најдобри резултати (кај 69% - 97% од болните) е валпроичната киселина или натриум валпроат (valporic acid, sodium valproat). Регистриран е и во Македонија. Други лекови кои се користат за лекување на оваа болест се левитирацетам, топримат и ламотригин. Прекинување на терапијата не е препорачливо кај ЈМЕ освен со предходна консултација со специјалист неуролог. Препорачан период за лекување е најмалку 5 години, при што лекарствата се намалуваат постепено во период од 3 – 6 месеци. Најголем ризик за повторно појавување на нападите има во првите две години по прекинување на терапијата кој може да се јави кај 75% од случаите.

Но, најважно од се, за постигнување на најдобри резултати при лекувањето на оваа болест, болниот треба да ги отстрани сите фактори кои доведуваат до напади. Со други зборови треба да има редовно и квалитетно ноќно спиење, одбегнување на производи кои содржат субстанции кои влијаат врз спиењето како кафе, чај, енергетски пијалоци, а особено не алкохол кој го скратува природното спиење и доведува до доцно будење, неизложување на јака, треперечка светлина (во дискотека, при подолго гледање телевизија или играње компјутерски игри, одбивање на светлината од водена површина или снег), избегнување работа во ноќните часови (трета смена) и претерана психо – физичка активност.

ЈМЕ е единствен тип на епилепсија, кој кај најголем процент од болните се лекува цел живот. Семејството и блиските на болниот треба да се спремни на ненадејни напади во утринските часови (или после спиење) кога доколку добие напад, треба да се легне во вертикална странична положба и да се внимава да не го голтни јазикот или за се задуши од повратената содржина. Често пати болниот може да ги предосети нападите и да одбере соодветно, сигурно место каде не може да се повреди.

Останати статии од авторот:

www.doktori.mk, 23.03.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина