Со здрава исхрана до убавина и здравје кај жените

Тања Турунџиева Станкоска
нутриционист, Вита Диет Клуб

Жената покрај тоа што треба да се грижи за својата витка става, треба да внимава и на сопственото здравје. Импровизираните диети доведуваат до колапс на имунолошкиот систем, како и хормонални пореметувања од кои е многу тешко да се излезе. Затоа, негувајте го своето здравје и убавина со здрава храна.

Здравјето пред се

Секоја жена мечтае да биде убава, витка, духовно богата и здрава. Но, сметам дека најважно е да биде здрава. Секое здравје доаѓа од тоа што конзумираме како храна. Женската конституција и метаболитичка градба се разликува од машката. Примарно и основно е секоја жена правилно и здраво да се храни, без разлика на годините и возраста.

Со мали и практични совети со овој текст, можеби на некој начин ќе ви помогнеме и ќе ве едуцираме за некои женски проблеми и болести. Можете себеси да си помогнете и со храна, но сепак најважно е да ги почитувате советите и да бидете дисциплинирани.

Менструални тегоби

Ако имате менструални тегоби, можете да ги ублажите со соодветна исхрана. Научниците одамна знаат дека храната може да влијае на женскиот хормон естроген, и со тоа да делува на менструацијата. Од храната исто така и јаглехидратите се и тоа како поврзани со предменструалниот синдром(ПМС). Новите истражувања даваат изненадувачки податоци како одредени продукти и хранливи состојки, вклучувајќи калциум, манган, и посебно масти и холестерол влијаат врз менструалниот циклус. Јаглехидратите влијаат позитивно врз ПМС. Се препорачува во исхраната пред ПМС да се конзумираат јаглехидрати од типот на скроб и тоа:

  • компир
  • ориз
  • овесни снегулки
  • јачмен
  • пченица
  • пченка.

На тој начин ќе се ублажи ПМС. Сето тоа мора да биде искомбинирано со свежа салата, особено со коренест свеж зеленчук. Кога жената се наоѓа во ПМС, треба да ја намали дозата на внес на кафе како напиток, односно да го намали внесот на кофеин во организмот.

Овошјето го подига нивото на естроген на една жена, особено минералот бор. Исхрана која изобилува со бор е:

  • јаболкото
  • крушата
  • грозјето
  • урмата
  • праската
  • сувото грозје
  • мешунките
  • јаткастото овошје (бадеми, кикиритки, лешници - сето тоа во свежа форма)
  • и особено богат извор е медот.

Како препорака можете секое утро да го започнувате со 3 рендани јаболки, една лажица мед, десет свежи бадеми и една супена лажица суво грозје.

Менопауза

Кога жената ќе престане да создава естроген, таа влегува во менопауза, со чести симптоми на топли и ладни бранови и промена во расположение. Недостатокот на естроген го зголемува и ризикот од коронарни срцеви заболувања и остеопороза во подоцнежните години. Секоја жена може уште од младоста преку храната да влијае превентивно - да ги ублажи овие симптоми или воопшто да не ги добие. Имено, со употреба на сојата и на лененото семе, може да се стимулира естроген кај жената во постменопаузата. Соините производи со голема содоржина на протеин имаат естрогенска активност како и тофуто, соиното млеко, ама не и соиниот сос и соиното масло.

Остеопороза

Доколку некоја жена има остеопороза најдобро е да внимава на својата исхрана. Таа треба да користи храна која содржи многу калциум, манган и витамин Д. Во својата исхрана треба да користи многу лиснат зеленчук, морска риба, кељ, брокула, соја, грав, а треба да пие сок од портокал и јогурт.

Кандидијаза

Често заболување кај жените е и кандидијазата. Таа може на многу едноставен начин да исчезне од заболениот организам. Тоа е габично заболување предизвикано од Candida albicans, габа која како и останатите габи се храни со шеќери. Истата може да се победи во организмот со елиминирање на внес на шеќерите како нутритиви. Од исхраната треба да се елиминира:

  • компирот
  • оризот
  • белото брашно
  • слатките и тортата
  • овошјето
  • лебот
  • сирењето
  • ферментираната храна
  • печурките
  • квасецот

Од напитоците пак, треба да се елиминира секој вид на алкохол вклучувајќи го и пивото.

Храна којашто ќе ја победи кандидијазата е лукот, јогуртот(ацедофилен) и маслиновото масло. Понатаму треба да се јаде зеленчук во неограничени количини, а од природно цедени сокови е дозволен само сокот од лимон без додатоци на шеќер и мед.

Опстипација

Женската популација многу често пати од опстипација(затвор). Големото консумирање на лаксативни средства може да создаде дополнителни проблеми. Опстипацијата може да се реши со секојдневно испивање на 8 чаши вода како и внесување на големо количество овошје и зеленчук. Препорачувам да се избегнува многу преработувана храна која не содржи хранливи влакна.

За крај

Да не заборавиме дека за здравјето на жената во никој случај не треба да се изостави физичката активност.

Се надевам дека со овие блиц совети успеав накратко да ве информирам за некои нутритиви, кои што ќе ви помогнат да решите некои од “женските” проблеми. Мој совет е дека со исхраната можете да си направите најдобра превентива, да го сочувате своето здравје и да бидете витки. Со тоа ќе се разубавите и ќе бидете духовно побогати.

објавено на  2011-03-21

www.doktori.mk, 07.08.2012

Последна вест

Најчитани статии - исхрана