Доктори.мк | Орторексија - фиксација за "здрава и правилна" исхрана | ortoreksija-orthorexia-nervosa | Портал за медицина и здравје

Орторексија - фиксација за "здрава и правилна" исхрана

Орторексија - Оrthorexia nervosa

Се чини дека секој ден на ТВ слушаме за некоја храна која е штетна и не треба да ја консумираме. Константното бомбардирање со информации за здрава исхрана може да збуни секого, но за луѓето кои имаат орторексија тоа може да биде и опасно. Терминот orthorexia nervosa (или само - орторексија) е опишан во 1997 г. и ги опфаќа луѓето кои формираат фиксација за „здрава и исправна“ исхрана. Ова опсесивно-компулсивно растројство ги тера луѓето да планираат стриктни диети кои потоа ги проследуваат со религиозна фанатичност.

Иако во принцип оние кои го имаат растројството се тенки и страдаат од потхранетост (која во екстремна форма може да биде тешка), нивна цел не е да изгледаат тенки (како кај анорексијата). Целта е исклучиво здравата исхрана.

За разлика од анорексијата, орторексијата е почеста кај мажи отколку кај жени.

Личноста со орторексија:

  • повеќе од три часа дневно помислува на здрава исхрана;
  • ги планира оброците со денови однапред;
  • се чувствува задоволно со следењето на строгата диета, но не ужива во јадењето;
  • се чувствува социјално изолирана (строгите диети го прават невозможно јадењето во друштво);
  • се чувствува надмено и има презир кон оние што не следат слична диета;
  • доколку само малку застрани од диетата, чувствува вина и се мрази себе си.

Како да се надмине?

Психијатриската јавност се уште ја нема регистрирано орторексијата како растројство. Сепак оние кои станале свесни дека имаат ваков проблем имаат огромна корист од психијатриски третман, посебно од посета на психијатар кој е добро запознаен со растројствата на исхраната. Потребна е едукација за правилна нутриција, како и голема поддршка од блиската околина.

Б.С.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

 

www.doktori.mk, 17.03.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина