Доктори.мк | Матични клетки | maticni-stem-kletki | Портал за медицина и здравје

Матични клетки

доктор на медицина

Во доменот на медицината и молекуларната биологија последниве неколку години направени се бројни истражувања за успехот во лекувањето на бројни неизлечливи болести користејќи ги матичните (стем) клетки. Од моментот на појавување на првите медицински сознанија во 1970 година, кога било откриено дека крвта од папочната врвца е богата со плурипотентни матични клетки, па се до денес кога веќе се користат како терапија, матичните клетки се несомнено предмет на многу научни прашања и дискусии.

Дефиниција

Класичната дефиниција за матичните клетки oпфаќа две главни особини:

  • Самообновување - способност клетките да се делат низ бројни циклуси на клеточна диференцијација и да се во недиференциран стадиум.
  • Потенцијал - капацитет да се диференцираат во специјализирани клеточни типови.

Практичната дефиниција за матичните (стем) клетки е истовремено и функционална дефиниција – тоа е клетка која го има потенцијалот да се регенерира во текот на еден живот. Пример, при трансплантација на коскена срцевина се пресадуваат функционални хематопоетични стем клетки (ХСК). Во овој случај стем клетката мора да биде способна да продуцира нови крвни и имуни клетки за долг временски период, демонстрирајќи потенција. Истовремено треба да биде возможно да се изолираат стем клетки од поединецот на кого му бил трансплантиран органот и да бидат имплантирани во друг поединец без ХСК и со тоа се демонстрира дека стем клетката е способна за самообновување.

Стем клетките можат да се развијат и трансформираат во специјализирани клетки со карактеристики на различни клетки и ткива (пр: нерви, мускули). Во секојдневната пракса како медицинска терапија се користат високо пластични (плурипотентни) стем клетки. Тие се добиваат од крвта од папочната врвца (при породување) и коскената срцевина. Се смета дека богат извор на плурипотентни стем клетки претставуваат млечните заби и доколку се потврди диференцирачката моќ на овие клетки, во иднина забите би биле главен извор за екстракција на стем клетки.

Истражувања

Медицинските истражувања веруваат дека терапијата со стем клетки ја има моќта драматично да го подобри третманот на болеста. Веќе постојат бројни терапии со стем клетки, особено терапија на леукемија со трансплантација на коскена срцевина. И додека пред 20 години само една болест се третираше со матични клетки, а тоа е Фанкониевата анемија, пред 10 години само неколку болести, денес има преку 70 каде како терапија можат да се користат стем клетките.

Во иднина медицинските истражувања предвидуваат успешно лекување на многу болести како карциномите, Паркинсонова болест, повреди на ’рбетниот мозок, амиотрофична латерална склероза, мултипна склероза и мускулно оштетување, користејќи ги напредните технологии.

Денес, со земањето на матични клетки од папочната врвца и нивно евентуално користење во случај на болест, научниците го пронајдоа најдоброто решение со најефективни резултати за лекување на овие болести.

www.doktori.mk, 16.03.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина