Доктори.мк | Страв од болка при посета на стоматолог | strav-od-bolka-pri-poseta-na-stomatolog | Портал за медицина и здравје

Страв од болка при посета на стоматолог

доктор по општа стоматологија

Никому не му е пријатно да чувствува болка, но болката е секојдневна реалност во стоматолошката ординација. Силата и траењето на таа болка може да се контролира со фармаколошки и нефармаколошки средства. За да може да влијае ублажувачки врз целосната болка на пациентот, стоматологот треба да процени, да дијагностицира и да ги лекува биолошките (физичките), психолошките (емоционалните) и социјалните аспекти на болката.

Анестезија

Фармацевската индустрија изобилува со лекарства против болка, кои што можат да помогнат за совладување на болката на пациентот, но и покрај тоа околу 40% од постоперативните пациенти се жалат на недоволно анестезирање.

Кога пациентите се напнати и уплашени, локалната анестезија може и да нема исто дејство како кај мирен, релаксиран пациент. Хормоните поврзани со загриженоста (пр. епинефрин) можат да пречат на нормалното дејство на локалната анестезија. Ефектот од премедикацијата може да е задоцнет, недоволен, или да се појави многу побрзо од очекуваното. Пред да се одлучи за начинот на анестезирање кај својот пациент, стоматологот треба да се сообрази со многу фактори како зависност, толеранција и други лекарства кои пациентот ги прима во моментот на лекување, се со цел да се избегнат интеракции и можни несакани ефекти.

Кај пациентите кои примаат лекарства против болка (надвор од денталната сфера), постои опасност да не се постигне потребниот аналгетски ефект за стоматолошко лекување без притоа да се увеличат нормалните дози.

Физичка и психичка болка

Важно е да се спомне и тоа дека има голема поврзаност меѓу физичката и психичката болка. Проучувањата покажуваат дека дразбите на рецепторите за болка не се единствениот фактор од кој би зависел осетот. Самиот стрес, очекувањето на болката, психолошките фактори , дури и генетиката играат важна улога во начинот и силата на осетот на болката.

Искуството, очекувањата, културата, фокусот на вниманието и стравот се психолошки фактори кои што можат силно да влијаат на субјективниот прием на болката. Претходните искуства од пациентот за доживеаната болка само ќе допринесат тој да го избегнува или пак оддолжува лекувањето. Психолошката траума ги прави пациентите повеќе подложни на болка. Пациентите кои повеќе се плашат, често се жалат на посилна болка.

Плашливите пациенти најчесто избегнуваат стоматолошка помош и го трпат со години дискомфортот во своите заби. Штом плашливиот пациент стекне доверба во својот стоматолог, стравот веднаш испарува, притоа тој осознава дека и не е толку некомфортно лекувањето на забите за разлика од болката која ја трпел дотогаш секојдневно од инфектираните заби. Добриот однос на релација пациент – стоматолог може да ја намали болката. Пациентот кој смета дека стоматологот се однесува кон него со огромно внимание и почит, полесно ја поднесува болката.

Самата перцепција на пациентот за болката може да го повиши или намали осетот на болка. Пациентите кои не можат воопшто да издржат болка, се претпоставува дека имаат во мозокот полиња кои се пореактивни кон болка. Според најновите анализи, во мозокот има центри за болка, кои се препокриваат со зоните за обработка на емоциите. Со тоа всушност се објаснува субјективноста на болката. Инаку сите пациенти може да имаат болка, но таа е индивидуална, т.е. секој човек има различен праг на болка. Секој човек има генетски апарат кој ја определува реакцијата за болка.

Што влијае врз чувството на болка?

Научно е докажано дека полот, хормоните, генетиката и мозочната невро-хемија влијаат врз физичката и емоционалната реакција на болката. Колку повеќе човек мисли на неа – толку повеќе го боли. Најдобро е да му се одвлече вниманието со слушање музика, позитивни мисли. Со возраста се зголемува и чувствителноста на болката. Поради нивото на хормоните, жените се почувствителни на болка во време на менструација. Недоволното спиење води до особено намалување на прагот на болката.

Физичката активност помага за намалување на болката на три начини:

  1. Го стимулира лачењето на ендорфини
  2. Се зголемува притокот на серотонин во мозокот. Тој ја зголемува флексибилноста на крвните садови, го подобрува расположението, ја блокира мозочната перцепција за болка и помага за регулација на циклусите на сон.
  3. Придонесува за стабилност на нивото на естроген, кој може да го попречува дејството на серотонинот. Луѓето имаат комплексни реакции кон болка. Тоа коешто го чувствувате е последица на вашето доживување и вашите гени. Со гените не можете да направите ништо, но можете да го контролирате доживувањето.

“Да имаш храброст не значи да не се плашиш, туку да си господар на стравот”

-Марк Твен-

објавено на 2011-03-14

www.doktori.mk, 05.04.2014

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија