Медитација

м-р Ана Танаскоска
креативен соработник

Медитацијата како холистичка дисциплина е компонента што се провлекува низ многу религии и која се практикувала уште во античкото време. Нејзината појава била иницирана од неодговорените догми за светите и мистични сили во животот. Во денешно време, најчесто се користи за редуцирање на стресот и релаксација на телото. Всушност, смислата на медитацијата е да се избистри умот од навалицата на мисли кои рефлексно поминуваат низ него во текот на денот, да се пронајде врската помеѓу нашето тело и нашиот ум, да се воспостави рамнотежа меѓу нив, за да се почувствуваме смирено и релаксирано преку пронаоѓање на внатрешен мир.

Набљудувана од аспект на психологијата, медитацијата може да предизвика состојба на поголема свесност и присутност на лицето во просторот. Медитацијата помага во тоа како размислувате, развива алгоритам кој ги средува мислите, го намалува хаосот, и го компонира спиритуалниот развој кај секоја единка. Мозокот не се исклучува за време на медитацијата, туку блокира одредени информации, кои инаку би ги пропуштил да поминат.

Позната е чакра медитација. Според индиската медицина чакрите (кругови, вртлози) поседуваат одреден степен на вибрирање и припаѓаат на човековото тело, кое поседува 77 основни енергетски канали, од кои 7 се главни. Овие центри имаат допирни точки со физичкото тело по должината на 'рбетниот столб преку кој вршат трансмисија на енергијата. Чакрите се верува дека се кола кои генерираат светлина.

Секој би можел да вежба медитација, но не секој би го разбрал нејзиното значење. Медитацијата се смета како еден вид на комплементарна медицина на релација мозок-тело. За време на медитацијата, најбитно е да го фокусираме нашето внимание на нешто одредено и кон него да ги насочиме нашите мисли.

Подгответе се

За да започнете со медитација, најпрво треба да изберете место во вашиот дом, каде се чувствувате најопуштено. Нека биде тоа некој агол во кој се чувствувате отсечени од другите и во кој можете да се ослободите од дневните грижи. Во него нема тв, нема радио, мобилен телефон итн. За почетници, соло комбинацијата е најдобра, а миризливите стапчиња, етеричните масла, свеќите и сл. би можеле само дополнително да ви ги опуштат сетилата. Откако ќе пронајдете такво место, треба да избежбате техника на држење на телото која би била најсовршена за вас. Положбата на лотус е најпрактикуваната положба, меѓутоа доколку не се пронаоѓате во оваа стандардна положба, можете да седнете на стол, да легнете во кревет, или да одите, битно е да се чувствувате пријатно за времетраењето на медитацијата.

Доколку се решите за медитација во одење, можете да ја практикувате додека пешачите, или сте во маркет или трговски центар, и за цело тоа време треба да се концентрирате на мислите, но и на вашите нозе и стапала. Би можеле со секое кревање на одредено стапало, или со секое спуштање на земјата да мислите на нешто одредено што ве опушта во моментот. Во повеќето традиционални медитации, очите се затворени.

Различниот фокус буди различни ефекти, затоа најдобро е пред вас да има некој објект(пр. фотографија) кон кој ќе го насочите погледот, доколку медитирате со отворени или полуотворени очи. Може да се фокусирате на дишењето. Кога ќе осетите дека мозокот е непослушен и се прашува за нешто за што не би требало да размислувате во моментот, вратете го неговото внимание на дишењето. За цело време се вежба правилното дишење. Се препорачува да се дише што побавно и потивко. Правилното дишење треба да се извежба постепено, да се намалува користењето на рамената, вратот и горните градни мускули.

Времетраењето на медитацијата во просек трае 20 минути дневно, меѓутоа и 5 минутната медитација може да ве релаксира и одмори. Кога се почнува со медитација треба работите што ви се мотаат најчесто низ глава да ги оставите и да се посветите исклучиво на медитацијата. Постојат неколку трикови кои би ви ги оттргнале мислите од секојдневието барем на неколку минути.

Започнете со медитирање

Кога ќе ја заземете положбата која одговара на држењето на телото, потребно е да ја искористите имагинацијата и да се префрлите во некоја друга димензија. Треба да надвладеете со својот ум, да воспоставите контрола врз него, а врз душата не се ни обидувајте бидејќи таа не може да се ограничи, таа е слободна и упорно ќе се обидува да ве оттргне од намерата. Замислете се како седите или лежете под дрво во некоја широка, зелена полјана и очите ви се вперени во синото небо. Го слушате жуборот на реката која поминува на средина од полјаната и црцорењето на птиците кои ги има некаде помеѓу широките крошни на дрвата. Лежете смирено, дишете полека, уживајте во прекрасната глетка или пак затворете ги очите, повлечете се во себе, нека ве водат сетилата. Кога издишувате замислете дека од вас излегува се што ве мачи и окупира, дека со секое издишување се чувствувате се полесни и порелаксирани. Или замислете се самите себе кај што одите низ некој рид, упатени накај неговата височина и полека, полека се качувате на неа. Кога ќе се најдете на таа височина, седнете, затворете ги очите, па за неколку мига отворете ги и погледнете пред вас. Ќе видите бескрајно синило, хоризонт што се протега во целото видно поле. Се е далечно, се е мало. Се повлекувате во себе и уживате во моментите кога сте сами. Одржувајте ја оваа мисла се додека можете, се додека уживате во глетката што е пред вас. Кога ќе почувствувате дека е доволно престенете со медитацијата и вратете се на секојдневните обврски. Не ги осудувајте вашите медитациски способности и техники. Тие се учат. Потребна е послушност и редовност со медијацијата, која доколку би можеле потребно е секојдневно да ја практикувате. Запомнете дека е нормално вашиот ум да се прашува за одредени работи и да ви го одвлекува вниманието на работи за кои што не би сакале да размислувате. Всушност во тоа е и смислата на медитацијата, да ве одмори од секојдневните обврски и грижи и да ве префрли во место во кое сте сами, и кое не го делите со никој друг.

Што се постигнува со медитацијата?

  • се намалува нивото на кортизол - хормон што предизвикува стрес
  • се редуцираат слободните радикали - непостојани кислородни молекули кои можат да предизвикаат оштетување на ткивата
  • се постигнува висока отпорност на кожата. Ниската отпорност на кожата е во корелација со стресот и анксиозноста
  • се олеснува дишењето - ова особено помага кај лицата кои страдаат од астма
  • помага во регулирањето на крвниот притисок
  • ја зголемува кохеренцијата на мозочните бранови
  • ја зголемува креативноста
  • влијае врз намалувањето на анскиозноста и депресијата
  • ја подобрува способноста за учење и за меморирање
  • ја зголемува самодовербата и самоконтролата
  • предизвикува емоционална стабилност и чувство на среќа.

www.doktori.mk, 11.03.2011

Последна вест

Најчитани статии - животен стил