Забен конец за убава и здрава насмевка - видео

Четката за заби не секогаш може да допре до просторот меѓу забите. Чистењето на забите со забен конец е многу ефективен начин за отстранување на забните наслаги од тие тешко достапни површини. Секако, важно е да знаете како правилно да употребувате забен конец.

Забниот конец е лесно достапен - го има во аптеките и повеќето маркети.

За почеток извлечете околу 50цм забен конец и намотајте го околу средните прсти на обете раце. Движењето на конецот контролирајте го со палците и показалците на обете раце. Нежно движејќи ги прстите во насока напред-назад поставете го конецот во просторот меѓу два заби. Потоа закосете го во форма на буквата С и лизгајте со него во насока горе-долу низ просторот меѓу непцето и забот се додека не почувствувате лесен отпор. Во секој меѓузабен простор постојат површини на два одделни заба кои треба темелно да ги исчистите. Штом завршите со првиот простор продолжете понатаму со просторите меѓу другите заби. За сето време внимавајте да не ги повредите деловите од непцата кои се меѓу забите.

Како што чистите менувајте го делот од конецот кој сте го употребиле со цел за секоја нова површина да имате чист дел од конецот. Не заборавајте да ги исчистите и задните страни од крајните заби.

Често се случува на почетокот на усвојувањето на оваа техника да чувствувате лесна болка или можеби да предизвикувате ретки крварења од ткивото на непцетo. Сепак, уверени сме дека по неколку дена ќе ја совладате оваа корисна техника и дека истата нема да ви причинува нелагодност. Се надеваме дека ова видео е почеток на една здрава навика за многмина од вас.

За крај, ќе завршиме со една интересна поговорка - "Не мора да ги четкаш и чистиш сите заби, туку само оние кои сакаш да ги задржиш" :-)

www.doktori.mk, 09.03.2011

Најчитани статии - стоматологија

Последна вест