Како да го препознаеме мозочниот удар?

д-р Маја Божиновска Смическа
специјалист невролог
Специјална болница по ортопедија и трауматологија "Св. Еразмо" - Охрид

Mозочниот удар е трета најчеста причина за смрт во разиените земји, следејќи ги коронарните болести и ракот. Афектира 0.2 % од целата полулација, а фатален е во една третина од случаите. Најмалку една половина од прежвеаните од мозочен удар се перманентно онеспособени, што го прави мозочниот удар главна причина за долготрајна физичка, когнитивна, емоционална, социјална и работна неспособност.

Дефиниција

Мозочен удар е клинички синдром кој се карактеризира со акутен губиток на мозочната фунција кој трае подого од 24 часови или пак доведува до смрт. Настанува поради спонтано крварење во мозочниот паренхим (интрацеребрална хеморагија) или пак во просторот кој го опкружува мозокот (субарахноидална хеморагија) односно хеморагичен мозочен удар, или пак како резултат на неадекватно снабдување на дел од мозочното ткиво со крв (исхемичен мозочен удар) како резултат на тромбоза, емболија или слаб крвен доток, асоцирано со болести на крвните садови, срцето или крвта. Оваа дефиниција треба да ги опфати и пациентите кај кои субарахноидалната хеморагија се презентира само со акутна, силна главоболка со или без вкочантост на вратот, без знаци за друга фокална или глобални невролошка дисфункција.

Мозочниот удар се презентира со нагло губење на функцијата на одреден дел на телото или пак на говорот, или губиток на свеста како резултат на прекин на крвонабдувањето .

Како да го препознаеме мозочниот удар - симтпоми и знаци

Секој мозочен удар се манифестира различно, симптомите зависат од регијата на мозокот која е афектирана и од нејзината големина. Симптомите и знаците на болеста најчесто се јавуваат ненадејно и веднаш се приметливи. Кај некои пациети може да се јават и во тек на сонот, а болниот ги приметува утрото по будење. Наглата и брза појава на симптоми е најпрепознатлив знак на мозочниот удар, така што доколку симптомте се развиваат бавно и постепено се влошуваат во тек на неколку дена, недели или месеци најверојатно не станува збор за мозочен удар. Најчести симтоми на мозочниот удар се:

  • мускулна слабост или одземеност (парализа) - може да зафати различни делови на телото но најчесто слабоста ја зафаќа едната страна на лицето, раката и ногата (хемипареза). Слабоста на десната страна на телото настанува при нарушена функција на левата страна на мозокот и обратно.
  • губиток на сензибилитетот - мозочниот удар може да редизвика намалување на осетот на одредени делови на телото. Најчесто предизвикува отрпнатост на лицето, раката и ногата на едната страна на телото (хемианестезија).
  • потешктии со говорот - мозочниот удар може да предизвика отежнат говор како резултат на слабостa и губитокот на координацијата на мускулатурата на лицето, устата или грлото. Како резултат на тоа се јавува лошо артикулиран говор (дизартрија). Друг тип на нарушување на говорот е дисфазијата, коа се презентира со неможност за разбирање на туѓиот говор или неможност за пронаоѓање на зборовите и нефлуентно зборување, потешкотии при читањето, (дислексија) или пишувањето (дисграфија). Дисфазијата (нарушување на говорот) настанува поради нарушена функција на доминантната хемисфера на мозокот. Левата хемисфера на мозокот е доминантна хемисфера кај речиси сите луѓе кои се десничари. Десната страна на мозокот е доминантна кај околу половина од индивидуите кои се левичари, а кај другата полвина левичари доминантна е повторно левата страна.
  • визуелни симптоми - мозочниот удар и ТИА(транзиторна исхемична атака) предизвикуваат губиток на видот кој го зафака целото видно поле (монокуларно слепило) или половина видно поле (хемианопсија) или пак предизвикува дупло гледање (диплопија). Губитокот на видот на едно око кој настанува наеднаш и се подобрува во тек на 24 часа (најчесто по 5-10 мин) најчесто представува краткотраен недостиг на крвното снабдување на едното око и се нарекува amarosis fugax. Хомонимната хемианопсија е губиток на видот на едната страна, така што пациентот не може да гледа половина од видното поле (десно или лево во завсност од страната на мозочниот удар). Дуплото гледање се јавува кога видната оска на двете очи е различна, што настанува како резултат на оштетување на нервите кои ги контролраат движењата на очните јаболка.
  • вртоглавица - мозочниот удар и ТИА може да предизвикаат вртоглавица и губиток на рамнотежата. Понекогаш се проследени со чувство на гадење и повраќање.
  • главоболка - мозочниот удар и ТИА вообичаено не предизвикуваат главоболка. Сепак, главоболката може да настане при истегнување или иритација на обвивките на мозокот (менинги) или крвните садови во мозокот. Истегнување на менингите може да настане при оток на дел од мозокот кој може да се јави кратко време (минути до часови) по крварење во мозокот или пак неколку дена по настанување на голем инфаркт на мозокот кога отокот (едем) е најголем. Крварењето на површината на мозокот (субарахноидална хеморагија) типично предизвикува многу силна главоболка бидејки крвта директно ги иритира осетливите на болка менинги. Во одредени случаи мозочниот удар може да е предизвикан од раскинување на внатрешниот слој на сидот на артериите на мозокот (дисекција) и да предизвика силна болка која се проектра на главата или пак ако дисекцијата е на крвен сад во вратот.
  • повраќање - повраќањето може да е предизвикано поради директна лезија на центрите за повраќање на базата на мозокот (медула) или зголемен притисок во черепот (зголемен интракранијален притисок) кој врши притисок врз истите. При оштетување на нервите кои ги примаат информациите за одржување на рамнотежата исто така се јавуваат вртоглавици и чувство на гадење и повраќање.
  • нарушување на свеста - мозочниот удар и ТИА може да предизвикаат нарушување или губиток на свеста. Истите може да настанат како компликација на мозочнте удари (пр. епилептични напади), понатаму поради директна инволвираност на центрите за одржување на свесноста кои се наогаат во дел од мозокот (мозочно стебло), при инфаркти во тој регион или при зголемен интракранијален притисок кој директно или индиректно врши притисок врз центрите во мозочното стебло.

*во соработка со д-р Божиновска Смическа Доктори.мк ќе продолжи да ја обработува тематиката на мозочниот удар, една од состојбите во медицината кои заслужуваат особено внимание.

www.doktori.mk, 08.03.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина