Оралниот секс и ППБ

На што треба да внимавате со цел да се заштитите од полово преносливи болести (ППБ) за време на оралниот секс?

Меѓу болестите кои можат да се пренесат преку орален секс сe: херпес, гонореа, сифилис, хепатитис и др. Низок ризик постои и за инфицирање за време на оралниот секс со ХИВ - вирусот предизвикувач на сидата.

Херпесот може да се пренесе од гениталиите на устата или обратно за време на незаштитен орален секс. Постојат два вида на херпес симлекс вирус:

  • тип I кој најчесто го инфицира лицето и
  • тип II кој најчесто ја инфицира гениталната регија.

Херпесот може да се пренесе преку контакти со инфицирана личност која нема никакви симптоми. Многумина сметаат дека ризикот е прифатливo низок надвор од најинфективниот период. Периодот ког херпесот е најинфективен започнува со непријатните сензации кои му претходат на исипот а завршува со исчезнувањето на раничките.

Поретко, но сепак може да се заразите и со бактериска инфекција практикувајќи орален секс со личност која има бактериска ППБ(најчесто гонореа, поретко сифилис или шанкроид). По поставувањето на дијагнозата, овие инфекции можат да се излечат со соодветна антибиотска терапија.

ХИВ

Ризикот од пренесување на ХИВ е многу понизок за време на незаштитен орален секс отколку за време на незаштитен анален или вагинален сексуален однос. За личноста која е активна за време на оралниот секс ризикот од пренесување на вирусот се намалува доколку непцата, усните, устата и грлото се здрави и доколку на нив нема ранички. Исто така, ризикот се намалува доколку при орален секс мажот не ејакулира во устата на партнерката и доколку се избегнува кулилингус (орална стимулација на женскиот полов орган) за време на менструалниот период. ХИВ вирусот може да се најде во спермата и пресемената течност на мажот. Ризикот за партнерот се зголемува доколку партнерката има менструација затоа што ХИВ се наоѓа во највисока концентрација во крвта.

Превенција

Експертите кои се залагаат за безбеден секс препорачуваат да не ги чистите забите со конец или четка за заби барем еден час пред почетокот на незаштитениот орален секс, затоа што тоа може да предизвика настанување на мали ранички и крварење, кое е најчесто невидливо за голото око. Се препорачува и визуелна проверка на гениталите на вашиот партнер за знаци за ППБ. Доколку партнерот ејакулира во устата за време на незаштитен орален секс - фелацио, ризикот ќе го намалите со исплукување на ејакулатот и плакнење на устата со антисептични раствори. Иако мислењата се разликуваат најголем дел од експертите препорачуваат употреба на некоја форма на заштита со физичка бариера (како на пример кондоми или латекс дентална бариера) ако не сте сигурни дали вашиот партнер е заразен со некоја ППБ. Исто така, може да употребувате и женски кондом за време на кунилингус или анилингус(орална стимулација на аналниот регион). Понатаму се препорачува да продолжете со употреба на вакви форми на зашита се додека и вие и партнерот не направите соодветни испитувања кои ќе исклучат постоење на ППБ.

www.doktori.mk, 05.03.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина