Доктори.мк | Важноста на бебешките заби | vazhnost-bebeshki-zabi | Портал за медицина и здравје

Важноста на бебешките заби

доктор по општа стоматологија

Вообичаено, следново прашање се поставува од млади родители: “Зошто да се вознемирувам за млечните заби на моето дете, па нели и онака тиe ќе се сменат за неколку години?

Има неколку причини поради кои мора да се води грижа за млечните запчиња од самиот момент на нивното никнување, т.е пробивањето на непцето:

  • Млечните заби го зафаќаат и осигуруваат местото на трајните заби. Паѓањето или раното губење на млечните заби може да доведе до загуба на местото на постојаните заби, а тоа пак од своја страна би можело да доведе до искривување на трајните заби. Од таму и проблеми кај вашето ангелче...
  • Здравите млечни заби се важни за вашето дете за да може да зборува чисто и правилно.
  • Убаво подредените забни низови се важни и за самодовербата на детето. Изгубените или расипани заби како и лошиот здив може да предизвикаат потсмев од другите деца, кое што води до создавање на комплекси кај самото дете.
  • Вашето детенце има потреба од тие заби за да може да гризе и џвака. Без нив тоа нема да може да се храни нормално.

Одржување на хигиената на млечните заби

Повеќето педијатри и стоматолози се согласни со тоа дека подобро е да се започне со одржување на хигиена на усната празнина уште пред да се појави првото запче. Поради тоа Американската асоцијација на стоматолози предлага да се започне со одржување на хигиена на усната празнина на бебето на само неколку дена по неговото раѓање.

Венците на бебето и првите забчиња можат да бидат чистени со водена газичка или бебешка четка за заби. Дури и четката за заби да не ви е сеуште неопходна, тоа би можело да доведе до навика за миење на забите. Доколку сакате, може да употребувате и паста за заби, но во тој случај треба претходно да се уверете дека таа паста е соодветна за бебиња. “Бебешките” пасти не содржат флуорид и се лесни за голтање. Aко се користат обични пасти кои содржат флуорид со самото голтање на пастата може да се развие предозирање со овој минерал.

Кога се чистат млечните запчиња треба да бидете многу внимателни. Запчињата и венците на малото ангелче се многу нежни и чувствителни. Исто така се препорачува и внимателно чистење на јазикот.

Најдобро е чистењето на усната празнина кај бебебто да е по секое хранење, но сепак тоа не секогаш е практично и возможно. Рутинското чистење на бебешката уста најдобро е да биде направено наутро и навечер по хранењето, имајќи тука во предвид дека најважното време за чистење е пред спиење. Како причина за тоа се посочува фактот што по време на спиењето намалува плунковата секреција, а со чистењето на оралната празнина пред спиење се избегнува прекумерно размножување на бактерии, наталожување на забни налепи, оштетување на забната глеѓ и др.

Навиката за одржување на орална хигиена треба да се создаде уште од најрана детска возраст, но сепак не заборавајте да го надгледувате детето додека си ги мие забите (задолжително наутро и навечер) за да сте сигурни дека си ги мие забите правилно.

Искривување на млечните заби поради шишенцето од млеко

Од година во година се повеќе расте бројот на мали деца со искривени запчиња. Како причини се истакнуваат давањето на млеко, сокови и шеќер преку ноќта по времето на спиење. Кога детето спие плунковата секреција намалува и доколку му се даде млеко, сок или друга течност која содржи шеќер, самата шеќер и бактериите кои се наоѓаат во оралната детска празнина се соединуваат и притоа се образува киселина која атакува на забите и ги расипува. Затоа многу е важно да не ја создавате оваа навика кај детето.

Еве неколку превентивни мерки:

  • Не му дозволувајте на детето да заспива со млеко или друга зашеќерена течност. Повеќето сокови содржат сахароза, а млекото лактоза, која што води до создавање на на киселина која ја разрушува забната глеѓ.
  • Не му дозволувајте на детето да го употребува шишето со млеко за чешање на венците и забите. Смукањето преку целиот ден е штетно исто колку и заспивањето со него.
  • Не го смирувајте детето залажувајки го со нешто слатко. Тоа би можело да доведе до сериозни компликации.
  • Давајте му на вечер млеко пред да си легне, така детето ќе има време и можност да си ги измие запчињата.
  • Обидете се последното нешто кое што би му го дале пред да си легне да е чиста вода.

www.doktori.mk, 02.03.2011

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија