Покачениот крвен притисок - "тивок убиец"

доктор на медицина

Крвен притисок претставува комбинација на силата со која срцето ја пумпа крвта во циркулацијата на човечкото тело како и физиолошкиот отпор на крвните садови кој е присутен притоа. За нормални вредности се земаат 120-130/ 80-85 mmHg.

Покачениот крвен притисок или артериска хипертензија е патолошка состојба која се карактеризира со систолен крвен притисок над 140 mmHg и дијастолен над 90 mm Hg. Најчесто се покачени и едниот и другиот. Може да биде покачен само систолниот, само дијастолниот или систолниот покачен а дијастолниот намален.

Причини

За настанување на оваа патолошка состојба одговорна е мултифакториелна етиопатогенеза. Наследните особини имаат голема улога во настанување на оваа болест. Голем број на заболени се генетски кодирани и предиспонирани за појавува на високиот притисок. Покрај генетскиот код, во покачување на притисокот важно место заземаат повеќе фактори и навики кои се се поприсутни во денешното живеење како на пример:зголемено внесување на сол (преку 5 г дневно), претерано внесување на кафе, алкохол, никотин и можеби како главни коморбидитетни фактори- дебелината (внесување на масна храна со висок процент на холестерол, низок однос на HDL/LDL масти), физичката неактивност како и хронично покаченото ниво на катехоламини (адреналин и норадреналин) предзвикани од динамиката на современото живеење и стресните ситуации.

Според потеклото и причините високиот крвен притисок може да се подели како:

Есенцијална (примарна) хипертензија чија причина впрочем не е позната. Таа опфаќа 98% од сите хипертензии кои се среќаваат во ординациите по општа медицина.

Секундарна хипертензија:

  • Ренална (бубрежна). Тука хипертензијата е последица на воспаление на бубрезите или стеноза (стеснување) на бубрежните артерии.
  • Ендрокрина хипертензија може да е последица на феохромоцитомот, болеста на Кушинг, хиперплазија на надбубрежната жлезда и шеќерна болест.
  • Кардиоваскуларна хипертензија е последица на промената на срцето со аортна слабост или промена на аортата.
  • Неурогена хипертензија - се појавува кај конституционално предиспонирани луѓе кај кои вазомоторниот центар во стресни ситуации реагира со зголемено лачење на норадреналинот. Исто така постои можност кај тие луѓе да дојде до зголемено лачење на други хормонски причинители, кои доведуваат до грчење на артериолата и покачување на крвниот притисок.
  • Хипертензија предизвикана при бременост (посебна проблематика),
  • Хипертензија предизвикана од лекови(орални контрацептиви, стероиди...)

Значење на болеста

Тоа е болест на современиот човек и општество и е во постојан пораст бројот на заболените. Претставува сериозен здравствен проблем и предизвик на современaта медицина. Високиот крвен притисок без сомнение е во тесна врска со ризикот за настанување на многу кардиоваскуларни болести и промена на крвните садови на мозокот до појава на најтешките мозочни компликации и појава на мозочна енцефалопатија!

Нејзиното значење е дотолку поголемо, познавајќи го податокот дека иако релативно лесно се дијагностицира, бројот на дијагностицирани пациенти е како што се вели “врв на ледена санта”. Поинаку кажано се смета дека 1/2 од болните не знаат дека боледуваат од хипертензија, 1/4 не се лечат воопшто иако знаат за својата состојба додека поразителни 1/8 од пациентите го регулираат соодветно.

Симптоми

Во почетокот нема субјективни потешкотии се додека не се развијат компликации, па оваа болест со право го добива eпитетот „тивок убиец„. Затоa од голема важност e неговото рано откривање и третман.

Младите болни, со непостојно покачен крвен притисок (лабилна хипертензија) се жалат на потење, вознемиреност, брзо менување на бојата на лицето, ладни раце и стапала, лупање на срцето и пореметување на сонот.

Старите или болни со фиксирана хипертензија (постојано им е покачен притисокот ) често се жалат на зуење во ушите, утринска главоболка, лупање на срцето, крварење од носот и вртоглавица. Кога кај фиксираната хипертензија доаѓа до оштетување на срцето, мозокот и бубрезите, се појавува отежнато дишење при напор, покасно и во мирување, нервоза, несоница, неправилно работење на срцето, болки во градите, грчеви во мускулите, трнење на прстите, полиурија (обилно мокрење) и ноктурија (ноќно мокрење).

Компликации

Игнорирање или недијагностицирање на болеста со сигурност доведува до иреверзибиони промени на т.н. таргет органи.

  • На срцето доаѓа до хипертрофија (задебелување на срцевиот мускул), пореметување на ритамот и срцева инсуфициенца (срцева слабост), а може да дојде и до инфарк на миокардот.
  • Компликации на мозокот се мозочно крварење, мозочен инфаркт поради емболиите и тромбоза и минлива церебрална исхемија без инфаркт.
  • Бубрежни компликации се јавуваат само кај тешки хипертензии.
  • Релативно чести се промените на очното дно кои доведуваат и до слепило.

Дијагностицирање

Се поставува со мерење на крвниот притисок. Важно е мерењето во домашни услови, бидејќи кај некои болни притисокот се зголемува кога им мери лекар (ефект на “бел мантил”). Дома се мери два пати наутро и два пати навечер четири денови по ред. Пред мерење половина час не треба да се има физичка активност. Раката се става во висина на срцето, ако се мери на двете раце се запишува поголемата вредност. Потоа се одредува средна вредност на мерење при што не се зема во предвид првиот ден на мерењето.

Се прави лабараториски преглед на крвта (гликоза, вкупен холестерол, HDL-холестерол, триглицериди, креатинин, мокрачна киселина, калиум,хемоглобин, хемотокрит и преглед на урината), преглед на очното дно, ултразвучен преглед на бубрезите и надбубрегот, доплер ренален, каротидни и феморални артерии, EKG на срцето, тест на оптеретување и по потреба ултразвук на срцето. Важно е да се одреди потеклото на високиот крвен притисок според кое ќе зависи и пристапот кон негов третман.

Терапија

Целта на секоја терапија е снижување на вредностите на крвниот притисок што поблиску до нормалните вредности. Кај повеќето пациенти овие вредности тешко се постигнуваат така што задоволително е намалувањето да биде под 140/90 mmHg. Како ќе го третираме пациентот зависи од видот и степенот на хипертензијата. Во основа постои немедикаментозна и медикаментозна терапија.

Под немедикаментозна терапија се подразбира промени на оние животни навики кои претставуваат ризик фактор за покачување на КП и прифаќање на нови кои доведуваат до позитивно делување врз истиот. Оваа терапија се вбројува и во превентивна во настанување на кардиоваскуларните заболувања, а исто силно се препорачува и кај пациенти кои се на терапија со лекови за висок КП. Конкретно за превенција и регулација на хипертензијата се препорачува:

  • Умерена, но редовна физичка активност барем 3 пати во неделата 30-45 минути. Го намалува КП, ја регулира телесната тежина, ги регулира триглицеридите и лошиот LDL холестерол и ја намалува инсулинската резистенција.
  • Прекин на пушење цигари- пушачите по испушена цигара имаат акутно покачен притосок и забрзана срцева акција во траење од 15-тина минути. Прекинот на пушењето е најефективна мерка која самиот пациент може да ја превземе со цел за намалување на КП и превенција од кардиоваскуларни заболувања.
  • Диеталана исхрана и намaлен внес на сол- Се препорачува промена во начинот на исхрана со поголемо внесување на овошје, зеленчук, млечни производи со ниска масленост, повеќе риба а помалку пржено месо како и ограничена количина на апетисани (лешници, ореви, бадеми...). На овој начин се намалува високата тензија, се намалува LDL а зголемува HDL холестеролот. Исто така важна е диетета со помалку сол (под 5 г./дневно) а особено се препорачува кај постарите болни, кај болни со дијабет или со хронична бубрежна слабост.
  • Намалување на телесна тежина. Постојат директни докази дека зголемена телесна тежина доведува до покачен КП.Намалувањето на тежината кај пациенти со покачен КП, доведува до намалување на вредностите КП. Намалувањето на телесната тежина доведува и до пад на вредностите на холестеролот, триглицеридите, подобрување на регулацијата на гликемијата кај дијабетичари.
  • Конзумација на алкохол. Во големи количини алкохолот ја покачува тензијата, го зголемува ризикот од срцев и мозочен удар а во исто време го ослабува ефектот на лековите за намалување на хипертензијата. Се препорачува умерена консумација на алкохол кој има и позитвно дејство на КП. Дневно, можат да се консумираат околу 20-30 г. (околу 2 чаши вино) за мажи и 10-20 г. за жени.

Под медикаментозна терапија се подразбира употреба на антихипертензивни лекови кои при правилна употреба даваат добри резултати. Денеска се користат повеќе групи лекови: ACE инхибитири, диуретици, блокатори на калциумови канали, алфа и бета рецепторни блокатори... Оваа терапија исклучиво ја препишува лекар и не смее да се зема на своја волја.

 

Останати статии од авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 27.02.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина