Коронарен стрес тест - видео

Стрес тестот (тест на оптоварување) се состои од изведување на медицински мониторирана континуирана физичка активност(вежбање) чиј интензитет постепено се зголемува. За време на активноста(вежбањето) континуирано се следат вредностите на крвниот притисок и работата на срцето преку електрокардиограм.

Штом се подготвите ќе бидeте повикани да го започнете тестот кој вообичаено се изведува преку брзо одење на подвижна патека или возење статичен велосипед.

Најчесто во нашата земја тестот се изведува на подвижна патека. Во зависност од особеностите на тестот и протоколот според кој истиот се изведува, брзината на подвижната патека и/или нејзиниот наклон се зголемуваат постепено на секои 2-3 минути. Зголемувањето на оптоварувањето е во рамките на можностите на пациентот.

За време на испитувањето докторот ја следи работата срцето преку електрокардиограм, понатаму го следи крвниот притисок, менталниот статус и ве прашува дали чувствувате некакви тегоби

Доколку почувствувате градна болка или недостаток на здив за време на вежбањето треба веднаш да го известите докторот. Доколку почувствувате изразени тегоби или пак постојат јасни знаци кои укажуваат на постоење на коронарна болест тестот ќе биде прекинат.

Времетраењето на тестот е обично од 8-12 мин, но може да се разликува во зависност од вашата возраст, пол, кондиција и тегоби. По завршувањето на тестот докторот уште еднаш ги прегледува снимените параметри, пишува медицински извештај за резултатите од испитувањето и најчесто усно ќе ве извести за истите.

За крај добро би било да се спомене дека освен стрес тестот кој се темели на вежбање, постои и физиолошки стрес тест, кој се состои од хемиска стимулација на срцевата работа и е погоден за пациенти кои не се во можност да вежбаат. За овој тип на стрес тест ќе зборуваме во некоја друга прилика

www.doktori.mk, 16.02.2012

Најчитани статии - медицина

Последна вест