Ревматоиден артритис

Вовед

РА е автоимуна болест која предизвикува хронично воспаление на зглобовите. РА може да предизвика воспаление и на ткивата околу зглобовите како и на други органи во телото. Автоимуна болест е затоа што природниот одбрамбен систем на телото се свртува против и напаѓа некои од сопствените структури и ткива, во случајов зглобовите.
Болеста е хронична и прогресивна. Коге велиме дека болеста е хронична тоа значи дека трае долго, но не значи дека тегобите ќе бидат присутни целиот период. Можни се долги периоди без никакви симптоми. А кога станува збор за нејзината прогресивност, се мисли на тоа дека болеста напредува и постои потенцијална опасност од уништување на зглобовите и ограничување на нивната функција.

Ризик фактори

РА е честа болест, 3 пати е почеста кај жени и најчесто се јавува меѓу 40 - 60 година од животот. Фамилијарната предиспозиција е честа, што наведува на помислата дека генетскиот фактор игра улога во настанувањето на болеста.

Што е тоа артритис

Артритис значи воспаление на зглобовите. Воспалението предизвикува отекување, вкочанетост, црвенило и болка во зглобовите. Исто така тоа може да ги зафати и ткивата околу зглобовите како на пр. тетивите, лигаментите, мускулите. Кај некои пациенти со РА хроничната инфламација води кон уништување на зглобната рскавица, коската лигаментите и предизвикува деформации на зглобовите. Оштетувањето може да се случи рано во текот на болеста и да напредне како што пациентот старее.

Причини

Причината за настанување на болеста останува непозната .

Тек на болеста

Болеста има периоди кога е активна, а тоа се периоди кога ткивата се воспалени. Кога воспалението се повлекува велиме дека болеста е во ремисија, во мирување, односно е неактивна. Ремисиите настануваат спонтано или со терапија. Нивното времетраење варира од недели до години. Во овие периоди симптомите се повлечени и пациентите се чуствуваат релативно добро. Кога болеста повторно влегува во активна фаза симптомите и тегобите се враќаат одново. Оваа промена на активни и неактивни периоди е различна кај секој пациент, но и типична за ревматоидниот артритис.

Симптоми

  • замор
  • намален апетит
  • лесно зголемена температура
  • мускулни и зглобни болки
  • отеченост на зглобовите
  • утринска вкочанетост на зглобовите
  • болна осетливост на зглобовите на допир
  • појава на ревматоидни нодули- цврсти поткожни чворчиња најчесто на рацете

Мускулните болки, зглобните болки и вкочанетоста се најчести наутро и по периоди на неактивност. Артритисот е чест за време на егзацербации на болеста. Исто така за време на периоди на егзацербација (влошување на болеста) зглобовите стануваат црвени, отечени, болни и осетливи на допир. Ова се случува заради тоа што синовиумот е воспален и засилено создава синовијална (зглобна) течност.

Кај РА зглобовите се најчесто зафатени симетрично, односно се зафатени зглобови на двете страни од телото. Често се вклучени малите зглобови на рацете и шаката. За време на активните периоди дури и едноставни движења стануваат тешко изведливи. Често се зафатени и малите зглобови на стапалото.

Хроничното воспаление може да ги зафати ткивата, коските и рскавицата. Тоа води до оштетување на рскавицата и ерозии и слабост на коските како и на мускулите, што резултира со деформации и деструкција на зглобовите, како резултат на што настанува она што е најзначајно за заболените а тоа е губење на функцијата, односно подвижноста на зглобовите.

Други органи кои може да бидат зафатени од воспалението се:
  • солзните жлезди
  • плеврата
  • срцето и перикардиумот
  • крвните лози- црвената и белата
  • поткожното ткиво - може да се појават ревматоидни нодули- цврсти топчиња под кожата околу зглобовите и прстите на места кои се често изложени на притисок
  • крвните садови

Дијагностицирање

Прв чекор е лекарски преглед. Лекарот кој е специјално обучен за терапија на овие болести се нарекува ревматолог. Лекарот ќе ве прегледа и ќе ве распраша околу вашите симптоми. Можно е да бидат направени одредени анализи на крвта и рентген снимки. Дијагнозата се поставува врз основа на симпотомите и тегобите кои ги имате, распоредот на зафатените зглобови и органи, анализите на крвта и рентген снимките.
За да се разграничи дали можеби симптомите се предизвикани од друга болест, а се со цел да не се погреши, голема е веројатноста дека ќе бидат потребни неколку посети на лекарот пред да се постави дефинитивната дијагноза.

Третман

Третманот е најуспешен кога се заснова врз соработка меѓу докторот, пациентот и членовите на фамилијата. Оптимален третман се состои од комбинација на лекови, одмор, вежби за зајакнување на зглобовите и едукација на пациентот. Терапијата се приспособува на секоја индивидуа одделно.

Се препорачува терапија со лекови заради контрола на прогресијата на болеста. Рано започнатиот третман ги намалува шансите воспалението да ги уништи вашите зглобови и ограничи вашите секојдневни активности.

Лекови

Лекови од прва линија или брзо делувачки лекови
Тоа се лекови кои влијаат врз намалување на болката и воспалението. Такви се на пример ацетилсалицилнате киселина и кортикостероидните лекови за да се намали болката и воспалението
Лекови од втора линија или бавно делувачки лекови
Тоа спаѓаат антиревматски лекови кои ја модифицираат болеста, како на пример:злато, метотрексат, хидроксихлорокин, инфиксимаб, ритуксимаб и др.
Лекови за намалување на болката
Ацетаминофен за болката или тописки препарати за болка, кои се втриваат на кожата.
Други зафатени делови од телото освен зглобовите се третираат одделно во зависност од органот.

Многу од лековите кои се употребуваат имаат несакани ефекти, заради што важно е редовно да го посетувате вашиот доктор и да го известувате за проблемите кои ги имате. Тоа ќе му помогне на докторот да го одреди најдобриот третман за вас.

Промени во начинот на живеење

Се препорачува
  • да се одморате кога сте уморни
  • да се исхранувате правилно, умерено и избалансирано
  • да вежбате редовно
  • да одржувате витка линија на телото

Физичките вежби и одморот

За време на влошување на болеста најдобро е да ги одмарате воспалените зглобови. Кога воспалението ќе се намали неопходни се физички вежби со чија помош ќе се одржи флексибилноста на зглобот и зајакнат мускулите околу зглобовите. Од спортовите особено се препорачува пливањето затоа што за време на пливањето зглобовите се оптоваруваат минимално.

Хируршко лекување

За да се поврати функцијата на зглобот или да се поправи оштетенитот зглоб може да биде потребна хируршка интервенција. За интервенции на зглобовите се задолжени ортопедски хирурзи. Опсегот на интервенција варира од артроскопија до делумна или комплетна замена на зглобот со вештачка протеза.

Професионално советување

Доклолку тегобите влијаат на вашето расположение и психа не двоумете се да побарате подршка од најблиските или професионален совет

Прогноза

Оваа болест не може да се излечи целосно, но терапијата помага да се контролира текот на болеста и да се намалат тегобите. Терапијата вклучува лекови, вежби и промени во начинот на живеење и продолжува во текот на целиот живот.

www.doktori.mk, 04.03.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина