Акни

доктор на медицина

ВОВЕД

Акните се често воспалително заболување на лојните жлезди на кожата кое се одликува со појава на комедони (зачепувања кои може да бидат отворени - црни и затворени - бели), мозолчиња, а во потешки случаи појава и на нодули и цисти. Промените почесто се јавуваат на лицето, грбот, рамењата и градите. Иако повеќето тинејџери се соочуваат со овие промени, сепак заболувањето не е ограничено со возраста.

Акните не се животнозагрозувачко заболување, но сепак може да биде непријатни и да содазваат проблеми, а во некои случаи водат кон создавање на трајни лузни на кожата.

алтернативни имиња

Acne vulgaris; Мозолчиња

НАЧИН НА НАСТАНУВАЊЕ, ПРИЧИНИ И ФАКТОРИ НА РИЗИК

Акните настануваат по зачепување на порите на површината на кожата. Пора е всушност отворот на фоликуларниот канал. Фоликулот пак содржи влакно и лојна жлезда. Во нормални услови лојната жлезда ја подмачкува кожата и помага во отстранувањето на изумрените клетки од нејзината површина. Кога жлездите ќе почнат да создаваат премногу лој, тој ги блокира порите и настанува акумулација на нечистотии, дебрис и бактерии. Оваа состојба се нарекува комедон (зачепување).

Врвот на комедонот може да биде бел или пак црн (во народнот познат како црнка) Доколку руптурира, материјалот кој се акумулирал може да се рашири во околината на пората и да предизвика воспалителна реакција. Доколку пак воспалението е подлабоко во кожата, мозолчињата ќе станат поголеми и ќе формираат цврста болна циста.

Акните можат да бидат предизвикани од:

  • хормонални промени поврзани со менструалниот циклус , бременоста, стресот и др.
  • масни козметички производи
  • одредени лекови (како на пр стероиди, тестостерон, естроген и др)
  • во случаи кога има повеќе влажност или често потење

Најчести се кај тинејџерите но можат да се појават во секоја возраст.

Честа е фамилијарната предиспозиција за појава на акни.

Иако е популарно верувањето дека одредени видови на храна предизвикуваат акни, тоа не е потврдено

СИМПТОМИ

Акните типично се јавуваат на лицето, градите, грбот и рамениците. Всушност на овие места кожата има најголема концентрација на лојни жлезди. Акните може да се јават во следните облици:

  • комедони (затворени - бели или отворени - црни зачепувања т.н. црнки). Нивното настанување е опишано погоре
  • папули - тоа се мали топчести издигнувања над нивото на кожата кои сигнализираат дека се случува воспаление во фоликулот на влакното. Тие може да бидат црвени и болно осетливи
  • пустули - тоа се црвени осетливи издигнувања над нивото на кожата со бел гној на врвот
  • нодули - тоа се големи, цврсти, болни чворчиња под површината на кожата. Тие се создаваат со насобирање на секретите подлабоко во фоликулот на влакното
  • цисти - тоа се болни чворови исполнети со гној , сместени под површината на кожата. Можат да предизвикаат создавање на лузни

КОГА ДА СЕ ЈАВИТЕ НА ДОКТОР

Акните обично не се сериозно заболување, но потребен е третман на мозолчињата или воспалените цисти од страна на дерматолог за да се избегне создавање на лузни или други оштетувања на кожата. Доколку тие влијаат на самодовербата или социјалните контакти исто така препорачливо е да се јавите на доктор

ДИЈАГНОСТИЦИРАЊЕ

Вашиот доктор може да дијагностицира акни врз основа на промените на кожата. Дополнителни испитувања обично не се потребни.

ТЕРАПИЈА

Што може да направите вие за да ги намалите последиците од акните?

  • мијте ја кожата нежно со благ сапун кој не ја суши кожата
  • отстранувајте ги сите нечистотии од шминката
  • мијте се еднаш до двапати во денот, вклучително и после вежбање, но избегнувајте прекумерно миење.
  • ако имате мрсна коса мијте ја косата со шампон секојдневно, чешлајте ја наназад за да биде подалеку од вашето лице и избегнувајте цврсти стегачи за коса
  • немојте да ги стискате, чешате или триете мозолчињата, затоа што тоа може да води кон создавање на лузни или развивање на воспаление на кожата
  • избегнувајте чепкање на лицето со раце
  • избегнувајте употребување на мрсни кремови или други козметички производи
  • отстранувајте ја шминката пред легнување

Доколку овие чекори не ви помогнат да ја котролирате состојбата со акните пробајте со лековити креми и лосиони кои се нанесуваат директно на кожата. Тие вообичаено содржат различни активни состојки како на пр.: бензил пероксид, сулфур, резорцинол, салицилна киселина и др. Основата на нивното дејство е убивање на бактериите и сушење на маснотиите.

За крај ве советуваме да побарате мислење од дерматолог.

Лекови кои пак може да ви ги препише докторот се:

орални антибиотици (на пр од групата на тетрациклини)

локални тописки антибиотици- тоа се лекови кои се нанесуваат директно на кожата

кремови или гелови кои содржат ретиноична киселина

лекови кои содржат бензил пероксид, сулфур , резорцинол, салицилна киселина

Докторот може и да ви препорача хемиски пилинг на кожата, отстранување на лузните со дермабразија, отстранување или дренажа на цистите, различни ласерски третмани и др.

Изложувањето на сончева светлина пoмага во лекувањето, но бидете умерени во изложувањето на сонце. Доколку тоа е прекумерно се зголемува ризикот од настанување на рак на кожата

ПРОГНОЗА

Обично акните се повлекуваат по адолеценцијата, но може да траат и подолго. Состојбата генерално добро реагира на неколкунеделна терапија, но може да се јавува повторно од време на време. Создавањето на лузни се случува кога потешките случаи на акни остануваат нетретирани. Исто така, доколку не се третираат акните можни се емоционални потешкотии особено кај тинејџерите.

КОМПЛИКАЦИИ

Можни компликации се:

  • промени во бојата на кожата
  • настанување на цисти
  • емоционални нарушувања како на пр намалување на самодовербата, проблеми во социјалниот живот, промени во карактерот
  • трајни лузни
  • несакани ефекти од страна на лековите кои се користат во терапијата

ПРЕВЕНЦИЈА

По повлекувањето на акните, можеби ќе биде потребно да продолжите со терапијата за да се спречи повторна појава на заболувањето. Посоветувајте се со лекарот околу превенцијата на идни ерупции.

Мерки кои може да ги преземете самите се:

  • мијте ги местата на кои се јавуваат акни двапати во денот и притоа користете средства на база на вода и средства кои не содржат разни масла
  • користете козметички производи против акни кои како активна состојка имаат бензил пероксид или салицилна киселина
  • избегнувајте нанесување на премногу шминка
  • отстранувајте ја шминката пред легнување
  • носете комотна облека
  • туширајте се после секое вежбање

www.doktori.mk, 16.02.2011

Последна вест

Најчитани статии - медицина